Моите познати тахини (таан) браунис конечно си добија свое место на блогчето. Еден од мојот и моите Инста пријателчиња фаворит и дефинитивно десертот што сакате да го подготвите доколку сакате да импресионирате некого :). 

Во овие браунис користиме таан како главна состојка, какао, јајца и кокосово брашно што ќе помогне да се соедини смесата убаво. Засладени се со мед или мојот омилен здрав засладувач, а малинките одозгора одговараат совршено и даваат свежина на целиот колач. Секако, со топингот можете да бидете креативни колку сакате. Може да додадете јаткасти плодови како лешници, бадеми, ореви и слично, може да додадете чоколадни парчиња или пак кокос итн, итн… 

Кокосовото брашно може да се замени со овесно брашно или некое друго брашно со тоа што имајте на ум дека можеби ќе треба да додадете малку повеќе зошто кокосовото брашно е доста апсорбирачко. 

Медот секако може да се замени со друг засладувач како кокосов шеќер, кафеав шеќер (иако јас тој баш и не го сакам како здрава верзија), сируп од урми, агаве сируп, јаворов сируп и слично..

Внимавајте на таанот што го користите. Бидејќи е главна состојка во овие колачиња, нека биде квалитетен и убав таан. Нема потреба од интегрален таан, може да си користите обичен. 

Инаку овие колачиња се без глутен, вегетеријански, без додаден шеќер и пре нај вкусни. Може да уживате во нив без ни малку грижа на совест и да видите колку превкусна храна може да се направи од здрави, целосни состојки.

Таан браунис:

Состојки:

  • 250 гр. (1 cup) таан
  • 2 јајца
  • 170 гр. (1/2 cup) мед 
  • 1 лажичка ванила
  • 40 гр. (1/3 cup) какао во прав
  • 1 лажица кокосово брашно
  • 1 лажичка сода бикарбона
  • малку сол
  • 1 шака замрзнати или свежи малини

Начин на подготовка:

  1. Се загрева рерната на 175º и се поставува хартија за печење на сад за печење. Јас користев сад за печење со димензии 20×20 
  2. Во голем длабок сад се додаваат сите течни состојки и убаво се промешува се додека не се соедини и не се добие течна, кремаста текстура. Доколку медот е многу густ и имате потешкотии при мешање, користете миксер.
  3. На оваа смеса се додаваат сите останати состојки (без малините). Повторно се промешува. Смесата треба да биде густа и леплива.
  4. Се додава смесата во тавата за печење и се израмнува рамномерно. Доколку користите малини, се распоредуваат на површината од смесата и нежно се притиснуваат. Доколку користите други топинзи исто така сега е време да се додадат.
  5. Колачот се пече 30 минути, односно се додека не се боцне со чачкалица или нож и треба да излезе чист без останата смеса.
  6. Се остава да се олади комплетно пред да се исече на парчиња. 
(Visited 29.807 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *