


Состојки:
База:
- 1/2 cup (50 гр.) бадемово брашно, фино мелено
- 5 лажици кокосово брашно
- 1 лажица јаворов сируп
- 3 лажици млеко од јаткасти плодови
Карамела:
- 1/3 cup (80 гр.) путер од бадеми
- 2 лажици јаворов сируп
- 5 лажици пире од тиква
- 1+1/2 лажички цимет
- 1/4 лажичка ѓумбир во прав
Чоколадо:
- 1/4 cup чоколадни капки
- 1 лажичка кокосово масло
Начин на подготовка:
- Се поставува хартија за печење на калапот што ќе се користи како модла за барчињата. Јас користев тава за печење леб, ама може да користите се што имате на располагање па дури и тава за мафини. Не излегува многу смеса па гледајте да биде мало калапче, за да не бидат премногу тенки барчињата. Овие барчиња не се печат па како калап може да користите било каков сад.
- Во длабок сад се додаваат сите состојки за базата. Убаво се промешува се додека не се добие соединета смеса. Смесата кога ќе ја стиснете меѓу прстите треба да залепува, ако е премногу течна – додадете уште малку брашно.
- Добиената смеса се додава во калапот и се притиснува и израмнува. Се остава на страна додека го подготвуваме вториот слој – карамелата.
- Во мал длабок сад се додаваат сите состојки за карамелата. Убаво се промешува за состојките да се соединат. Зависно од путерот што го користите, смесата може да биде премногу ретка – па ако имате потреба додадете некоја лажица овесно или бадемово брашно.
- Се додава карамелата врз базата. Со шпатула или лажица се израмнува и се остава во замрзнивач да зацврсти најмалку 2 часа или преку ноќ.
- Се сече колачот на барчиња.
- Состојките за чоколадниот слој се додаваат во мало тенџерче на многу ниска температура. Се остава да се растопи со повремено мешање.
- Се потопуваат сите барчиња во стопеното чоколадо. Веднаш ќе зацврсти зошто колачот е веќе замрзнат.
- Барчињата може да ги чувате во стаклен, затворен сад во замрзнивач најмалку 2 месеци. Јас сакам да ги чувам на овој начин и пред конзумирање да ги оставам 7-8 минути само да пуштат. Поубаво ја држат структурата, а лесно пуштаат. Инаку може да се чуваат и во ладилник до 10 дена.
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ Јас користев готово бадемово брашно што е малку поинакво од мелење на сирови бадеми. Текстурата му е помека и побела. Ако може да најдете такво – супер, ако не – слободно може да користите мелени бадеми (мелени на ептен ситно) или пак да замените со овесно брашно или друг вид на мелени јаткасти плодови.
→ Јаворовиот сируп може да се замени со било кој течен засладувач.
→ Путерот од бадеми може да се замени со било каков друг путер од јаткасти плодови ама да не биде самиот путер прегуст и крцкав за полесно да размешате.
→ Чоколадните капки може да ги замените со црно чоколадо, исецкано па измерено во потребната количина.
(Visited 2.442 times, 4 visits today)