Состојки:
База:
- 50 гр. (1/2 cup) мелени бадеми
- 30 гр. (1/4 cup) кокосово брашно
- 2 лажици путер од бадеми
- 80 гр. (1/4 cup) јаворов сируп
Кокос филинг:
- 95 гр. (1 cup) кокосови снегулки (колку поситни-толку подобро)
- 60 гр. (1/4 cup) кокосово млеко (од конзерва)
- 80 гр. (1/4 cup) јаворов сируп
- 2 лажици кокосово брашно
Чоколаден слој:
- 170 гр. (1 cup) чоколадни капки
- 60 гр. (1/4 cup) кокосово млеко (од конзерва)
- 2 лажици путер од бадеми
За заменски состојки и совети, прочитајте подолу во забелешка.
Начин на подготовка:
- Се подготвува садот во кој ќе се направат баровите. Јас користев тава за леб, но може било каков сад кој ќе служи како калап. Овие барови не се печат па може буквално било каков сад да се користи. Се поставува хартија за печење за полесно вадење на баровите.
- Во длабок сад се додаваат мелените бадеми и кокосовото брашно. Се промешува.
- Се додаваат и јаворовиот сируп и путерот од бадеми и се промешува се додека не се добие соединета, леплива смеса.
- Се додава смесата во садот и се израмнува за да се добие рамен, еднаков слој. Се остава во фрижидер додека се подготвува кокос филингот.
- За кокос филингот во сад се додаваат сите состојки и се промешува се додека не се соединат. Зависно од типот на кокосовите снегулки (различни брендови-различен кокос) , може да е потребно да се додаде повеќе кокосово брашно или пак млеко. Смесата треба да биде доволно цврста за да стои на базата.
- Се додава кокос филингот на базата и се израмнува за да биде еднаква. Се остава во фрижидер додека се подготвува чоколадниот слој.
- Се додаваат сите состојки од чоколадниот слој во мало тенџерче. Се става на средно-ниска температура и се остава да се стоплат состојките, за да се измешаат убаво. Се промешува повремено. Смесата треба да биде густа и кремаста.
- Се додадава чоколадниот слој на кокос филингот – се израмнува еднакво и по желба се додава топинг одозгора. Јас користев кокосови снегулки.
- Се остава во замрзнивач 30тина минути за потполно да се зацврсти пред да се исече во барови.
- Баровите може да се чуваат во ладилник до 2-3 недели или во замрзнивач до 3 месеци.
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ Бадемите може да се заменат со било кои други јаткасти плодови. За да добиете мелени бадеми (или било кои јаткасти плодови) само се додаваат во блендер и се блендира додека комплетно не се иситнат и не се добие текстура на брашно.
→ Кокосовото брашно може да се замени со овесно брашно со тоа што треба да се додаде повеќе од наведената количина. Адаптирајте додека не се добие посакуваната смеса.
→ Јаворовиот сируп може да се замени со било кој друг течен засладувач. Доколку користите друг течен засладувач, а е погуст од јаворов сируп можеби ќе биде потребно да го загреете малку пред да го додадете, за полесно да се измеша со сувата смеса.
→ Путерот од бадеми секако може да се замени со било кој друг путер од јаткасти плодови или комплетно да се тргне и да се додаде повеќе засладувач, за полесно да се соедини смесата.
→ За чоколадниот слој може да се користи само стопено чоколадо и да се додаде одозгора како краен слој.