Ако ме следите на инстаграм и сте во тек со настаните 🙂 – тогаш сигурно знаете дека штотуку се вратив од Охрид после 2 цели недели. 

Иако бев сместена во сопствен стан каде што имав целосно опремена кујна и услови за готвење, сепак тргнав со намера да не се оптеретувам во врска со исхраната и вежбањето. Нема да лажам дека пола куфер ми беше со алишта и опрема за вежбање (онака за секој случај) што си ја вратив исто како што си ја спакував. 

Секогаш кога патувам некаде имам 2 правила,а тоа се: 

  1. Уживај максимално што можеш
  2. Ужувај максимално што можеш

Знам дека е многу тешко да се примени ова во пракса особено ако сте во почетоците на вежбање и применување на здрава исхрана ама ве молам да ми верувате кога ќе ви кажам дека 1, 2 или 3 недели без вежбање и пратење 100% здрава исхрана нема да ви го нарушат резултатот што сте го имале претходно. 

Мојата филозофија за здравиот начин на исхрана не е да си забранувам или да се лишувам од одредена храна или работи што ме прават среќна – туку да го правам тоа за себе, да се чувствувам во најдобрата верзија од себе (и физички и психички) и да уживам максимално во процесот.

Ок. Да се вратиме на мојот одмор во Охрид. 

Изминативе 2 недели освен смути за доручек, не се ни потрудив да зготвам нешто. Едноставно бев во “одмор” расположение и си дозволив да се одморам од се што инаку правам дома. Бев со друштво што секако дополнително отежнува да останеш во рутина него кога би била сама и секако дека сакам да бидам разбирлива и за туѓите желби па затоа овој пат приоритетите на одмор ми беа поразлични. 

Кога мислам на поразлични – мислам на следново:

  • станување после 10h. За мене ова е преееекасно и скроз ми го менува текот на денот.
  • легнување после 2h на полноќ. Обично си легнувам во 22:30 па може да замислите каков шок ми беше ова 🙂
  • алкохол секоја вечер. Секако во разумни колични, но сепак многу за мене што не пијам толку често. (нема да лажам, винце навечер навистина го прави сонот поубав :))
  • јадење надвор и по ресторани. Иако тоа што го нарачував и јадев беше “релативно” здраво, сепак јадењето во ресторан е малку tricky зошто немате контрола врз тоа што ќе ви го послужат и како е зготвено
  • ниту еден, единствен тренинг. Ова најтешко ми падна зошто телото ми е навикнато на физичка активност и навистина ми недостасуваше таков умор во текот на овие 2 недели

Зошто ви го кажувам ова ?! Затоа што сакам да ви кажам и покажам дека е скроз нормално да се опуштите и да си дозволите работи што инаку не ги правите на овој или на оној начин. Јас константно се трудам да ви ја доволам и реалната страна од мојот живот и да не се осеќате дека јас сум 100% перфектна кога станува збор за здрави навики. 

Јас не сум тука за да ви кажам дека никогаш во животот не треба да каснете junk food или дека треба да престанете да правите забавни работи или работи што ве прават среќни.  Понекогаш здравите навики не ни се приоритет и тоа е скроз ОК. Еден е животот, нели ?! Па зошто да не уживаме максимално во него… 

Јас сум тука за да ви кажам, покажам и докажам дека сите тие здрави навики и минимални напори што ги правиме, ги правиме за себе и да се осеќаме убаво во своја кожа, а не само за да изгледаме убаво на плажа. Затоа и сметам дека детокс чаеви, ригорозни диети, забранување на одредена храна и слично нема да ви донесат ништо добро освен да се мразите себеси кога ќе “кикснете” во некоја ситуација. 

Сега сум дома и да ви кажам искрено никогаш повеќе не сум била спремна да се вратам во рутина. Ми недостига чувството на структура во денот, потење, вежбање и  да се чувствувам енергично и фокусирано. Затоа и го правам се ова, затоа и ви кажувам на вас дека е најдобро да си креирате здрави навики кои може да ги реализирате.

Со таа намена во прилог ви го покажувам моето дневно мени после 2 недели одмор и како се тоа изгледа. Како што ќе видите и подолу – храна има за сите пари :). Ако 2 недели сум искочила од рутина, тоа не значи дека сега ќе се казнувам и нема ништо да јадам. Само си се враќам таму кај што сум застанала ( со малку помалку грицкање зошто тоа навистина ми е слаба точка ) и се фокусирам на здрава, целосна, домашно подготвена и не процесирана храна. И тоа е тоа… ништо комплицирано и ништо тешко. 

А и само ова да го кажам – сигурно имам накачено некое килце (што е многу нормално со повеќе храна, а помалку физичка активност) но ништо страшно ниту пак алармантно. Се тоа ќе си се врати во нормала, кога ќе ми се врати и исхраната и вежбањето во нормала. 

Ајде сега да ги разгледаме оброците во детали. 

Доручек, после тренинг – смути. Во ова смути додадов работи што веќе ги имав при рака ама искочи баш вкусно, па рецептот го споделив во посебн пост кој може да го најдете тука:

Протеинско смути од ананас

Инаку fun fact – ананасот содржи ензими кои ја олеснуваат дигестијата што навистина ми требаше откако го шокирав организмов со работи што инаку не ги конзумирам :).  

• Доручек бр.2. Ова беше некој меѓу оброк. Она кога ти се јаде, ама не е баш време за ручек :). Имав неколку замрзнати лепчиња од хељда лебот што ги ставив на тостер, додадов авокадо, 1 јајце и неколку свежи боровинки. Ова ми е перфектен оброк да ви покажам дека не секогаш оброците ми се перфектни. Она што ми се наоѓаше по дома, доволно да ме најаде ама не да ме прејаде. 

  • Ручек. Салата од рукола со крцкав наут, веган фета сирење и потпржена пршута. Рецептот може да го најдете на линкот подолу.

Рукола салата со крцкав наут

Ова лесно ми стана мојот омилен летен оброк. Ви ветив дека ќе го споделам рецептот уште пред одморов и конечно го има и на блогот. Лесно, вкусно и едноставно, а сепак вкусовите перфектно се поклопуваат. YUM.

  • Вечера. Макарони со туна. 

Ова многу често ми се наоѓа во дневно мени, особено во летен период кај што не ми се замара многу многу со готвење, а сепак сакам вкусен оброк. Макароните од наут претходно ги сварив. Во тава со малку маслиново масло ги додадов сварените макарони и ги потпржив неколку минути. Им додадов туна од конзерва, претходно исцедена, варена брокула, многу многу зачини, малку лимонче и малку таан. Се тоа промешав и оставив да се пропржи 4-5 минутки колку да се соедини. И тоа е тоа. Ви реков дека е многу лесно 🙂 

(Visited 4.253 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *