Да ви кажам искрено не сум фан на шлаг. Знаете оној што се додава на торта или колачи. Јас сум од оние што секогаш го тргаат на страна и се ќе си изедат ама шлагот го остават во тањирчето. Не дека не ми се допаѓа, него некако не ја гледам поентата и што улога има… 

Баш од оваа причина не ми прифалело ниту пак сум се потрудила да најдам подобра и поздрава верзија за тоа. Здравите пецива што ги подготвувам ми се доволно богати на вкус што не сум осетила потреба да им додавам шлаг. 

Меѓутоа пред некој ден тестирав нов рецепт за чоколадна торта, што нажалост не беше успешен ама тоа е тема за друг пат :), и бидејќи беше доста сува и се распадна, ми требаше нешто што можам да ја замаскирам и да може да се изеде (каква-таква) па ми текна на шлаг. Во неколку наврати, додека си листам и се инспирирам од рецептите по социјални мрежи, ми текна дека често сретнувам како подготвуваат шлаг од кокос во конзерва и ми звучеше баш интересно и се решив да пробам. 

На мое големо изненадување, навистина уживав во вкусот. Можеби затоа што е нешто ново и необично за мене или можеби поради фактот дека КОКОС и производи од кокос ми се превкусни.

После 3 обиди и корисење на различни брендови на кокос во конзерва што можев да ги најдам по нашиве маркети и различни варијанти и техники, мислам дека ја имам добитната комбинација и формулата за успех како да подготвите шлаг од кокос. 

Со оглед на тоа што ова е “рецепт” од само една состојка и ќе си речете зошто воопшто постои цел еден пост за ова, сепак има неколку работи што ги приметив при неколкуте обиди и сакам да ги споделам со вас за имате успех од прва и да не трошите пари и нерви без потреба.

Совети и препораки:

→ Шлагот се добива од густиот, бел, кремаст дел од млеко од кокос во конзерва. Потребен е само тој дел од млекото, што значи течниот дел што останува на дното на конзервата нема да биде потребен. Млеко од кокос во конзерва може да најдете во многу маркети и продавници за здрава исхрана. Бидејќи го пробав со повеќе различни, ви препорачувам да го најдете конкретно овој бренд (на сликата подолу) затоа што само со овој бренд имав успех и тоа неколку пати. Во оваа конзерва е оделен само густиот, кремаст, бел дел од кокосот, па така ќе може да го искористите цело. Јас го набавив од ВЕРО (ЏАМБО), на рафтовите за кинеска храна. За други места и други локации на Веро, за жал немам информација.

→ Конзервата со кокосов крем оставете ја во фрижидер од вечерта претходно или најмалку 2 часа претходно.

→ Користете електричен миксер за најдобри резултати. Може да користите и маталка и рачно да го матите, ама претпоставувам дека тоа ќе одземе многу повеќе време и употреба на бицепс 😊.

→ Во овој рецепт не користиме никаков шеќер, па затоа шлагот воопшто не е благ. Јас сум навикната на low sugar рецепти и мене ми беше превкусно вака, + кокосот содржи многу масти (здрави масти), а со тоа и многу богат вкус, па не чувствував потреба да додавам дополнително шеќер. Доколку сакате да биде поблаг, или пак сакате да го искористите за некоја конкретна намена тогаш додадете шеќер по сопствен вкус. Користете шеќер во прав за најдобри резултати. Изматете го кокосовиот крем, додадете го шеќерот во количина по желба и проматете уште неколку минути за да се соедини

→ Може лесно да го направите во чоколаден шлаг, само додадете 1-2 лажици какао во прав при матењето

→ Колку повеќе време стои во фрижидер, толку повеќе се згуснува и стврднува. Доколку го користите за колачи, мафини и торти – моја препорака е да го изматите, да го оставите 10тина минути во ладилник да се стврдне (не повеќе) и да го намачкате како при користење обичен шлаг.

→ Со оглед на тоа што користиме кокос, вкусот е навистина јак. Доколку не сте фан на кокос или пак неможе да го поднесете вкусот на кокос тогаш се плашам дека ова нема да биде за вас.

→ Освен како шлаг, може да го користите и како намаз/дип. На сликата подолу може да видите дека го искористив како дип во комбинација со чоколадирани јагодки. Интересно и вкусно.

Здрав шлаг од кокос:

Состојки:

  • 1 конзерва кокосов крем
  • 3-4 лажици шеќер во прав (по желба, види совети погоре)

Начин на подготовка:

  1. Конзервата со кокосов крем се остава во фрижидер од вечерта или минимум 2 часа претходно.
  2. Се додава кокосовиот крем во голем длабок сад и со миксер се мати се додека не се згусне (околу 3-4 минути)
  3. Доколку се користи шеќер во прав, се додава во овој чекор и се мати уште дополнителна минута за да се соедини.
  4. Доколку гсе користи врз торти, мафини и колачи, се остава во ладилник 10-15 минути за да се олади и потоа се користи
  5. Шлагот може да се користи во наредните 5-6 дена без да се рсипе доколку се чува во ладилник. Доколку ја изгуби текстурата при стоење, се мати повторно за да се врати кремастата текстура. Идеално е да се користи веднаш после матење. 
(Visited 5.307 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *