TWIX барови во здрава варијанта се можеби едни од најпопуларните рецепти во “healthy” заедницата. Мислам дека не постои health food блогерка што ги нема во некоја сопствена варијанта на сопствениот блог. ОСВЕН ЈАС хаха. Ама не е намерно… Не им дошло ред да ги ставам и тука иако на Инстагрм ги имам постирано преку 50 пати (не се ни зафркавам).
Може да најдете мал милион варијанти во здрава верзија од овие барови ама денес ви ја споделувам мојата варијанта што ја правам многу, многу често. Нема утка со овие барчиња… Без разлика дали јадете и сакате здрава храна – НЕМА шанси да не ви се допаднат овие. Јас ги обожавам… Секогаш кога ми треба некој десерт за да импресионирам некого – може да бидете сигурни дека се овие барови.
Слободно може да си ги адаптирате според сопствен вкус и состојки, подолу оставам и опции за заменски состојки на одредени намирници, па ако ги пробате – обавезно тагнете ме на Инстаграм за да ги видам.
(здрави) TWIX барови
Состојки:
За база:
- 85 гр. (2/3 cup) кокосово брашно
- 3 лажици јаворов сируп
- 66 гр. (1/3 cup) кокосово масло, стопено
За карамел:
- 130 гр. (½ cup) путер од бадеми
- 85 гр. (¼ cup) јаворов сируп
- 55 гр. (¼ cup) кокосово масло, стопено
- 1 лажичка ванила екстракт
- малку сол
За чоколадо:
- 1 црно чоколадо
- 1 лажичка кокосово масло
Начин на подготовка:
- Се загрева рерната на 170° и се поставува хартија за печење на тава или сад за печење. Јас користев тава за леб зошто ми е најдобар и најубав калап за правење вакви барови.
- Во мал длабок сад се додаваат сите состојки за базата. Се промешува се додека сите состојки не се соединети. Смесата треба да биде мекичка и ронлива. Се додава во тавата и се тапка, за да се изедначи и израмни во еден слој.
- Се пече 10тина минути односно додека крајчињата не добијат златеникаста боја. Внимавајте зошто знае брзо да изгори. Се вади од рерна и се остава да се олади пред да се додаде другиот слој.
- Во меѓувреме се подготвува карамелот. Во мало тенџерче на многу ниска температура се додаваат сите состојки за карамелот. Со маталка се меша се додека сите состојки не се соединат и не се добие кремаста смеса. Кога ќе се случи тоа, одма се отстранува тенџерото од оган. Не треба да се вари, треба само да се загрее – доволно, колку убаво да се соединат состојките.
- Се додава карамелот врз базата и се израмнува. Се става во ладилник или замрзнивач, се додека карамелот не е потполно стврднат.
- Додека тоа се стврднува, се подготвува чоколадото. Во мало тенџерче се додаваат чоколадото и кокосовото масло. Чоколадото претходно се крши или сече на помали парчиња, за полесно да се стопи. На многу ниска температура се остава да се стопи комплетно со повремено мешање. Ако имате микро – олеснете си ја работата и стопете го така.
- Се додава чоколадниот слој на карамелот, се израмнува и повторно се враќа на стврднување.
- Се вади од тавата, се сече на барчиња и доколку ви има останато малку од стопеното чоколадо само пропрскајте одозгора. Без никоја причина освен естетска J. Мал совет – доколку баровите ви се стврднуваат во замрзнивач – оствете неколку минутки на стобна температура пред да ги сечете, за да не се искрши чоколадото одозгора. Исто може да помогне доколку претходно го потопите ножот во врела вода. Ова само ќе помогне да се направат убави пресеци, инаку баровите се секако вкусни J.
- Баровите може да ги чувате во ладилник до 7-8 дена (и повеќе) или најубаво во замрзнивач. Во замрзнивач може да стојат forever (се шалам). Ама нема да има проблем да стојат и до 1 месец. Пред да ги конзумирате само оставете ги на собна температура 15-20 минути и одма ќе се пуштат.
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ Кокосовото брашно може да се замени со мелени бадеми или овесно брашно. Количината може ќе треба да ја адаптирате.
→ Јаворовиот сируп може да се замени со било каков течен засладувач. Ако е погуст вашиот засладувач – тогаш ќе мора да го стоплите малку или пак да ги адаптирате другите состојки. Особено за базата – ама вкусно како и да е J
→ Кокосовото масло се мери во течна состојба.
→ Путерот од бадеми може да се замени со било кој друг путер од јаткасти плодови. Вкусот ќе се промени ама верувам дека ќе биде исто вкусно.