Кога викам дека сакам зеленило во исхрана – стварно го мислам тоа, а доказ е и овој оброк тука што има вкупно 3 типа на зелен зеленчук во него. Не може да биде поздраво од ова, нели ?

Ако имате проблем со внес на зеленчук во текот на денот – ваков оброк е одличен начин да го поправите тоа. Знам дека некогаш досаѓам со зеленчуци и колку се важни да се внесуваат во секојдневна исхрана – ама стварно е правило по кое што секојдневно се водам.

Неколку причини поради кои внесот на зеленчук треба да биде приоритетен во здрава, балансирана исхрана:

→ Содржат висок процент на витамини, минерали и антиоксиданти

→ Содржат низок процент на калории. Јас често знам да го користам зеленчукот, за да зголемам на волумен на самиот оброк. На овој начин сум заситена, а не додавам не потребни калории.

→ Некои студии покажуваат дека лицата кои внесуваат висок процент на зеленчук во текот на денот (на подолг рок) се заштитуваат од понатамошни потенцијални болести

И секако многу, многу други причини ама мислам дека до сега веќе сите знаеме колку се важни и дека навистина треба да ги вклучуваме во исхраната редовно и во голема количина.  

Зелена тава со јајца

Состојки:

  • 250-300 гр. прокељ, свеж (околу 20тина топчиња)
  • 500 гр. спанаќ, свеж
  • 1 тиквица
  • ½  од главица кромид
  • 3 чешниња лук
  • 4-5 јајца
  • сол, бибер, оригано, кимион (или зачини по желба)
  • маслиново масло или масло за готвење по желба
  • авокадо (по желба, за топинг)
  • магдонос (по желба, за топинг)

Начин на подготовка:

  1. Прво да ги подготвиме сите зеленчуци, за да бидат спремни за готвење понатака во рецептот.
  2. Прокељот се премива со ладна вода, се процедува и се пребришува со крпа, за да упие колку  што е можно повеќе вода. Се отстранува првиот слој од ливчињата и крајчињата на секое топче. Се сецкаат сите на мали лентички. Тука може да се користи сецко, ренде или мандолина за да се поедностави процесот. Јас користев сецко и за 2-3 минути ги изрендав сите. Се остава на страна додека ги подготвуваме другите работи.
  3. Спанаќот се премива со ладна вода и се сецка на ленти. Не мора да бидат перфектни и така ќе се пржи. Се остава на страна. Тиквицата се премива и се ренда.
  4. Кромидот се сецка на мали коцкички, а лукчето се сецка на многу ситно или во преса за лук се пресира.
  5. Се загрева поголемко тавче на средно-висока температура. Се додава масло за готвење (околу 2-3 лажици) и се остава и тоа да се згрее малку.
  6. Се додава кромидот и се пропржува неколку минутки. Кога ќе омекне, се додава лукот и зачинити. Се остава да се пропржи се заедно 2-3 минутки, таман за да фати се боичка и да почнат сите работи да испуштаат арома.
  7. Се додава исецканиот прокељ, се промешува за да се соедини  и се остава да се пржи 4-5 минути. Нека фати малку кафеавка, потпржена боичка. Доколку е потребно се намалува температурата.
  8. Потоа се додава тиквичката, се промешува и се остава да се пропржи и тоа.
  9. На крај се додава спанаќот, се промешува за да омекне и се содини со другите состојки.
  10. Кога се тоа е готово, се намалува температурата на ринглата, се прават 4-5 вдлабнатини за да се искршат јајцата во нив. Се посолуваат јајцата со сол и бибер и се оставаат да се зготват онолку време колку што сакате да бидат зготвени. Јас не ги сакам живи, па ги пржев околу 5-6 минути се додека не се комплетно зготвени. По желба може да поклопите со капак додека се пржат.
  11. Се трга од оган тавата, се додава исецканиот магдонос и авокадо (по желба) и е спремно за сервирање.
  12. Мене ми е највкусно кога е свежо и топло, ама по потреба може да се складира во затворен, стаклен сад во ладилник и да се погрее пред јадење.
(Visited 3.035 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *