

Состојки:
- 2 слатки компири
- 2 цвекла
- рукола/бејби спанаќ или друг листест зеленчук
- масло за готвење
- зачини по желба (јас користев сол и бибер)
- зрнца од пола калинка
- една шака сончоглед, сиров
За наут:
- 1 конзерва наут
- 2 лажици масло за готвење
- 1 лажичка сол
- 1/2 лажичка црвена пиперка
- малку црн бибер
- 1 лажичка кимион
За дресинг:
- сок од пола калинка
- сок од 1 лимон
- 5 лажици маслиново масло
- сол и бибер
Начин на подготовка:
- Се загрева рерната на 200º. Слаткиот компир и цвеклото, убаво се премиваат и потоа се лупат. Се сецкаат на мали, еднакви коцки.
- На голема тава за печење, обложена со хартија за печење се додаваат сецканото цвекло и сладок компир. Се додава масло за готвење и зачини. Се масираат со рака за еднакво да бидат прелиени сите парчиња. Распоредете ги на тавата, така да не се преклопуваат едно со друго и побрзо и покрцкаво да се испечат.
- Се печат 15 минути.
- Во меѓувреме, наутот од конзерва се премива со ладна вода, се цеди и се пребришува во чиста крпа, за да упие колку може повеќе вода. Се додава во мало тањирче. Се додаваат и зачините и маслото па се промешува.
- Се додава наутот во тавата со зеленчукот. Се враќа на печење заедно со зеленчуците уште дополнителни 20 минути. Доколку гледате дека зеленчукот брзо се пече во рерна, намалете ја температурата.
- За дресингот, додадете ги сите состојки во мала тегличка и убаво промешајте.
- Сончогледот јас го потпеков на суво тавче, на ниска температура се додека не добие златеникаста боја. Ова е екстра чекор ама дефинитивно препорачан зошто дава многу убав шмек.
- Време е за сервирање на салатата.
- Во голем, длабок сад се додава листестиот зеленчук, потоа печениот зеленчук и наутот, потоа зрнцата од калинка и печениот сончоглед и на крај додадете од дресингот. Убаво промешајте и уживајте 🙂
** Доколку не ја јадете веднаш салатата, ви препорачувам сите состојки да ги чувате оделно, спакувани во стаклен сад па пред конзумирање да ги составите.
(Visited 11.888 times, 11 visits today)